Дали Мицкоски ќе може самиот се да организира не знам, но е храбар потегот да биде и лидер на партија и шеф на изборен штаб. Практично шефот на изборниот штаб ја води партијата од организациски аспект. Не знам дали е тоа добар или лош потег, ќе видиме од ефектот, вели екс министерот во Владата на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров.
Тој во „Трилинг“ рече дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирано, а дека СДСМ е раштрафено.
– На овие избори ќе се натпреваруваат консолидираното ВМРО и целосно раштрафеното СДСМ. Мислам дека никогаш СДСМ не биле во полоша состојба. ВМРО тргнува како убедлив фаворит, не само поради своите политики и надежта која ќе ја даде на граѓаните, туку и поради екстремно слабото СДСМ.
Погледнете што направија со патните исправи, пола милион луѓе не можат да излезат од државата а имаат важечки пасош. Еве и јас, ние, моето семејство не можеме да излеземе од државата. Кога некој ќе ти каже дека за 30, 40 дена не можеш да излезеш од државата, тоа значи дека тоа ќе трае барем два месеци. Тоа е многу лошо, заклучи Тодоров.