ЗНАМ на Максим Димитриевски на 22 февруари ќе го одржи првиот конгрес на кој ќе се донесат повеќе одлуки меѓу кои ќе биде избран лидер на партијата, а ќе биде соопштен и предлог-кандидатот за претседател на Македонија.
Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, ќе се донесе одлука и за усвојување на статут на партијата.
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, соопшти дека партискиот став на ЗНАМ е на изборите да настапат самостојно, но конечната одлука ќе ја донесат делегатите на првиот конгрес.
Периодов разговараме за функционирање на партијата, а за постизборна коалиција ќе разговараме после изборите – вели Мемов.
Во однос на тоа дали имаат еден или повеќе кандидати за изборите, портпаролот на ЗНАМ рече дека интерната процедура е во тек, а конечната одлука ќе биде донесена на конгресот.
– Сакам да ја потсетам јавноста дека по потпишувањето на иницијативата за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија, во ноември се одржа основачко собрание на партијата на која се избра привремено раководство кое ќе функционира до одржување на првиот конгрес. За в.д. претседател беше избран Максим Димитриевски, а беа избрани в.д. Извршен и Надзорен одбор. Партијата ЗНАМ, согласно законот за политички партии уредно е регистрирана и запишана во Централниот регистар – појасни портпаролот.
На прашањето како политички се дефинира партијата, Мемов кажа дека ЗНАМ е идеолошки дефинирана на политичкиот центар, а се темели на вредностите од Крушевскиот манифест и одлуките на АСНОМ.