Лидерот на партијата ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитиревски вели дека неговиот план е да ја победи кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг на претседателските избори, а во спротивно нема да ги тера своите гласачи да поддржат друг кандидат:
– Видете јас немам ниту етичко,ниту морално право да повикувам мои поддржувачи и симпатизери да гласаат за некој друг. Ние не тргуваме со гласовите на граѓаните. Тоа е една лоша пракса. Значи согласно сопственото убедување граѓаните треба да си го кажат последниот збор. Но, мојот план и намера е да ја победам госпоѓа Давкова во вториот изборен круг на претстојните претседателски избори и верувам со поддршка на граѓаните тоа и ќе го сторам – рече Димитриевски во интервју за ТВ Сител.
Лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово го отфрла предлогот на ДУИ претседателот да се избира во Собранието, а својот став го образложува вака:
– Јас од овде, давам завет дека ЗНАМ никогаш нема да дозволи во Парламентот да помине такво решение, затоа што тоа ја усложнува државата, дополнително ја намалува моќта на институцијата Претседател, која всушност треба да биде заштитник на обичниот граѓанин. Претседателот ја црпи својата сила од самите граѓани и всушност тој ги претставува покрај државата и сите ингеренции кои му се согласно Уставот и законот доверени, и граѓаните и се грижи за граѓаните – потцрта Димитриевски.
Прашан во врска со другиот услов на ДУИ дека тие нема да има коалицирање ако нема уставни измени, тој вели:
– Ќе има коалиција од македонските политички партии и ќе бидат повикани оние политички партии од етничкиот блок на Албанците, да учествуваат, секако на рамноправна основа, но без условувања. Затоа што оваа држава има Устав, има закони и ние ќе се водиме по нив. Велат нема да биде одобрена таквата коалиција. Кој одобрува? одобрува бројката во Собранието. Нашата држава ја водиме ние, не ја водат тие кои доаѓаат од надвор и ни кажуваат како треба да ја водиме. Ние мора да преземеме одговорнсот да си ја водиме сами државата, да ја направиме одржлива, да се потпреме на сопствените сили, за да не бидеме уценувани ниту од внатре ниту од надвор.
На прашањето со кого би коалицирале по парламентарните избори и дали СДСМ чиј поранешен член е, се нивниот приороден коалиционен партнер, лидерот на ЗНАМ вели дека по убедување е левичар, а ќе коалицираат со оние политички субјекти со кои прво на маса ќе ги дефинираат државните национални интереси.
– Ние нема да коалицираме со тие кои досега и правеа штета на Македонија, особено поединци кои заради лукративни интерси продадоа се. Такви има и во редовите на СДСМ и во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Многу побитно е да се најде принципиелен партнер со кој ќе се гради иднината на оваа држава, вели Димитриевски.
Запрашан дали изборот на Горан Минчев за генерален секретар на партијата и шеф на Изборниот штаб е сигнал дека е близок со поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, Димитриевски вели го почитува.
– Не, јас мислам дека Црвековски се уште ми ја нема потпишано поддршката за кандидатурата. Имам многу пати кажано – го почитувам него и другите претседатели. Горан Минчев е мој стар соработник со кого многу пати сум имал и различни ставови, но тука имаме и многу нови имиња како што е потпретседателот на партијата Павле Арсовски пензиониран генерал мајор, Весна Бендевска поранешен пратеник, др. Јасмин Циривири…, вели Димитриевски упаувајќи апел до граѓаните да ја дадат поддршката за неговата кандидатура за претседател на државата.
На прашањето кои се црвените линииза кои се залага, Димитриевски одговори:
– Не може Македонецот да се чувствува како граѓанин од втор ред во држава којашто неговите претци ја имаат изградено. Значи, идентитет, јазик самобитност, македонизмот и сите тие форми коишто се преточени во Уставот врз база на заклучоците на АСНОМ и Крушевската република. Да сме биле на желбите на останатите во регионот, ние никогаш не би имале држава. Денеска граѓанинот е фрустриран, додае тој. Првенствено сите имаат национални линии. Треба да го учиме тоа од нашите сограѓани Албанци и да ги дефинираме нашите црвени национални линии врз база на еден договор помеѓу сите политички субјекти на политичката сцена кои го претставуваат мнозинското македонско население.