Македонија и понатаму останува земја со најниска просечна нето-плата споредено со земјите од поранешна Југославија. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат за јануари, нашата просечна нето-плата достигна 39.542 денари, но за жал, таа е пониска од декемвриската кога била 39.998 денари.
Порталот Пари направи споредба на платите врз основа на податоците што ги објавија националните статситички агенции и според нив, очекувано највисоката плата е во Словенија, каде просечната нето заработувачка во јануари била 1.474 евра, или 90.945 денари. Тоа е повеќе од две-просечни плати во Македонија!
Она што уште повеќе разочарува е дека, барем според најавите на политичките парии кои почнаа да ги претставуваат своите изборни програми, на ваков просек не можеме да се надеваме ниту по 4 години. СДСМ најави дека просечната плата до 2028 година ќе стигне 1.100 евра. ВМРО-ДПМНЕ засега не лицитира со износ на просечна плата, но најавува 55.000 нови работни места и раст на БДП од 5%.
Веднаш пред Македонија, по нивото на просечна нето-плата е Босна и Херцеговина со просек од 1.328 конвертабилни марки, или 41.812 денари, што е 5,7 % повеќе отколку просекот во Македонија.
Црна Гора е две позиции пред нас, со просек од 819 евра, или претворено во наши пари 50.436 денари. Тоа е за 27,5% повеќе од нашата плата.
Во Србија просечната плата во јануари била 96.836 динари, или 50.870 денари, што е за 28,7% поголема од нашата просечна плата.
Во Хрватска, просекот е веднаш зад Словенија, што значи дека има втора највисока просечна плата во регионот од 1.239 евра, или 76.250 денари. Хрватскиот просек е за 92,8% поголем од нашиот.
КАКВИ СЕ ЦЕНИТЕ?
Јасно е дека самото претставување на просечните плати не ја одразува и нивната куповна моќ. Во различни земји има и различни цени. Обично се вели дека Македонија има и најниски цени, но сепак едно е јасно дека тие не се повеќе од двојно пониски отколку во Словенија, ниту пак 28,7 проценти пониски од Србија, или 92,8% пониски отколку во Хрватска, колку што се поголеми тамошните плати. Дури, многу цени во регионот пронајдовме приближно исти.
Колку за илустрација, прелиставме неколку онлајн каталози во регионот. Впечатокот е дека цените на дел од храната во Србија се 15-тина проценти повисоки од оние во Македонија, а за толку се повисоки и цените на средствата за хигиена. На пример, конвертирано во наши пари, кравјото сирење во Србија е околу 420 денари за еден колограм, додека кај нас околу 360, што значи дека е нешто под 20 проценти поевтино.
Јајцата се слично како и во Македонија, околу 80 денари за 10 јајца, свинскиот бут во Србија е околу 480 денари, слично како и кај нас, зејтинот 80 денари. Во он-лајн продавниците на Црна Гора, кравјото сирење е како кај нас, околу 360 денари, свински бут е околу 500 денари, зејтин најдовме за 60 денари. Во Босна можевме да видиме дека 1 килограм „сомборска фета“ е околу 360 денари, еден килограм свинска крменадла е 300 денари. Го разлиставме и онлајн каталогот на Плодине во Хрватска. Десет јајца се 80 денари, кашкавалите од 700 денари па нагоре, пршута се рекамира за 1.000 денари за килограм, свежа риба „бранцин“ е 550 денари во пакување од 720 грама.
извор: Република.мк