Претседателскиот кандидат, Максим Димитриевски денеска се обрати пред граѓаните на Кичево.
– Храбриот човек умира еднаш, а плашливиот умира секој ден. Јас не сакам да умирам секој ден, а верувам и вие – рече тој во почетокот на обраќањето.
– Сакам да упатам неколку пораки. Прво, дека доколку станам Претседател на Македонија, ќе ставиме крај на монолитното веење на знамињата низ цела Мaкедонија. Оваа држава има државно знаме, а ќе ги почитуваме сите. Мора да се почитува тоа што е напишано согласно уставот и законите. Второ, никогаш нема да се сложам со уставни измени кои го редефинираат изборот на Претседателот на државата, со избор во парламентот, а не од страна на граѓаните. Затоа што тој својата сила и улогата на фактор за стабилност ја има од силата што ја црпи од граѓаните. Тие му ја даваат моќта на Претседателот, а политичките партии му ја одземаат и го релативизираат. Македонија заслужува да има Претседател којшто ќе излезе од граѓаните и ќе се грижи за граѓаните – додаде Димитриевски.
Тој рече дека граѓаите на Кичево најдобро знаат низ што поминувале сите овие години и продолжи:
– И ако сметате дека треба да ги поддржите оние што се вртат во круг 30 години, а никој не размiслува за граѓаните и националите и државните интереси, тогаш почитувани, продолжете така. Но, јас мислам спротивно од тоа. И оваа, а и претходната власт треба да се казни. Дали има можност во Македонија за прв пат да се гласа за, а не против. Има. Тоа е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија – потенцира Димитриевски.
Тој рече дека нема да потклекне на скриени барања, од страна на поединци, коишто сакаат да реализираат национални стратегии.
– Македонија единствено може да биде држава на сите нејзини граѓани, но притоа столбот на државата го поставија нашите претци, Македонците, зааедо со останатите кои живеат на овие простори“, рече Димитриевски и потенцира дека ќе го даде својот максимум за Македонија, за нашиот народ и за секој граѓанин и да градиме реално мултиетничко општество во кое сите имат еднакви права, но имаат и еднакви обврски.