Народната банка информира дека во март годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,50 проценти и бележи месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 0,46 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесувала 1,80 проценти и забележала месечно и годишно зголемување за 0,04 п.п. и 0,69 п.п., соодветно.
Податоците што ги сподели денеска централната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во март, изнесувала 4,98 проценти и забележала месечно и годишно намалување од 0,37 п.п. и 0,28 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, пак, остварила месечен и годишен раст од 0,15 п.п. и 0,42 п.п., соодветно и изнесувала 2,46 проценти.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, овој месец, изнесува 5,40 проценти и на месечна основа е намалена за 0,05 п.п. Надолната промена е резултат на намалените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула и на кредитите во странска валута (за 0,12 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), при раст на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,10 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е зголемена за 0,17 п.п, соопшти НБ.