Честа е огромна да се одбележи создавањето на партијата која со своето постоење се вгради во создавањето на независна Република Македонија и над 30 години е сопатник низ сите премрежја, искушенија и големи радости, таги и прослави на нашата татковина,истакна од Велес лидерот Мицкоски.
На денешен ден пред точно 34 години се создаде ВМРО-ДПМНЕ кој не беше само природен порив на македонскиот народ за автентично политичко организирање во зората на распаѓањето на Југославија и потребата за осамостојување на Македонија, туку ВМРО-ДПМНЕ беше и природен порив на многу македонски семејства кои страдаа, беа подложни на прогон во комунистичкиот режим, но секогаш сонуваа и се бореа за своја независна држава, на тој начин сочувувајќи го огнот на историското ВМРО за своја држава, за слобода, за свои институции, знаме химна, банкноти, за татковина која е вистински дом, или со други зборови, конечно, по столетната битка, да се биде свој на своето.
ВМРО-ДПМНЕ е концепирано како сублимат на таа битка за слобода и верување во идејата за Македонија. Затоа сите наши расправи, дебати и размена на ставови низ историјата биле толку бурни исполнети со јавни дебати, емоции и верувања.
ВМРО-ДПМНЕ имала и свои блескави моменти, и моменти на сериозни искушенија но никогаш во минатото, сега или во иднината не смее и нема да се случи да отстапи од идејата за Македонија.
Да не заборавиме и на времето кога постоеше стремежот на македонскиот народ во минатиот систем за своја партија. И не е сеедно, или неважно, и никако не смее да се става под тепих или да се забораваат позициите и идеолошките разлики меѓу македонската левица која во тоа време се уште сонуваше за распадната Југославија и бараше продолжување на сојузот на држави за кои беше јасно дека е клинички мртов, и македонската десница претставена и организирана од ВМРО-ДПМНЕ која бараше самостојност и чиста независност. 17 јуни е датумот кога ВМРО-ДПМНЕ го почна обновениот живот и на историското ВМРО како прирореден наследник на идеалите кои оваа организација веќе точно 131 година ги носи од нејзиното основање во 1893-тата година.
Затоа нашето име е Внатрешна Македонска Револуционерна Организација Демократска Партија за Македонско Национално Единство која во себе го носи поривот на народот за слобода, независност и силна држава Македонија. Во историски контекст мисијата која ја носи ВМР0-ДПМНЕ е и помирување и обезбедување на единство на сите различи групи и страни со цел да се постигне единство, но тоа никогаш не значи и заборавање на ударите кои беа дадени од левицата кон супстратот на македонското ткиво за своја држава, тие голи отоци, прислушкувања, следења, досијеа, жигосувања и брутална пресметка со македонската интелигенција каква што никогаш десницата не се однесувала така неодговорно кон нашите национални и државни интереси и никогаш не посегнала кон разградување на идентитетскиот код.
И денес од Велес, изразувам длабока почит и голем поклон кон сите кои страдаа и беа репресирани поради јасните чуства и патриотската определба да се сака и да се борат за Македонија. Нивните наследници и потомци треба да знаат дека ја имаат мојата почит и признанието од ВМРО-ДПМНЕ за влогот и жртвата која нивните блиски ја направија за идејата од која се роди Македонија.
Воедно ВМРО-ДПМНЕ беше активната страна која учествуваше во создавањето на Републиката. Тоа се десетици, стотици илјадници имиња и презимиња. Мудри глави, искрени и чесни патриоти кои поминаа низ нашите структури и учествуваа во првиот парламент, во првата влада, во сите наредни состави и активно работеа во живеењето на македонската држава.
Во тој контекст посебно е чуството да ја слушате приказната за битката на таа генерација, и сонот кој и ние како многу млади луѓе во тој период го имавме. Го имавме затоа што имаше од кого да ги слушнеме заветите на плејадата претходни генерации и славни битки за слобода од илинденскиот период па до денес. Сонуваме со нив, и мечтаеме и за нашето време кога ќе ја имаме можноста и приликата да создадеме за нашата татковина и за нашата иднина.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било партија на тесните клики, на елитите, а секогаш кога се појавувало тоа како тенденција било отфрлано од членството како неприродно ткиво кое не е дел од големиот организам кој ја движи партијата.
Библијата вели со каква мера судиш, со таква ќе ти биде судено. А на историските факти и околности треба да се гледа со објективна разумност, и без субјективни вреднувања на настаните. Јас како сегашен лидер сум застапник на тезата дека ниту еден фрлен камен наназад не ја создава иднината нанапред. И во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ имала многу светли моменти, брилијантни чекори овие 34 години кои не направиле горди, ни го зајакнувале чувството на достоинство и гордост, но исто имало и моменти кога се грешело, кога се имало политики кои не секогаш биле разбрани на правилниот начин или биле толерирани поединци кои нанесувале штета, но како актуелен претседател ќе се однесувам со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес, најважно е што ВМРО-ДПМНЕ обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот.
Партија која му припаѓа на членството. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ не се овие костуми и вратоврски кои ги носиме, ниту просториите кои ги имаме, туку духот и жарот на оние браќа и сестри по комитетите, месните штабови, и народот кој не пратеше и поддржуваше по улиците. Тој непрегор и вулкан на душата и умот кој со голема енергија и љубов се бореше Македонија да ја вратиме кај народот и да биде повторно наша заедничка и единствена, и тоа е битка која сега зависи само од нас, и стремеж во кој ние немаме опција да не успееме.