Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска од Тирана порача дека проширувањето на Европската Унија е нејзин приоритет во вториот мандат.
Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин, рече таа на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Фон дер Лајен утре доаѓа во официјална посета на Македонија а во планот за посета се и Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ, порача таа во Тирана.
Таа предупреди дека за време на изборите во Молдавија биле забележани сили што работат на дестабилизација на земјите кои ја избираат Европа. Според неа, ова е тоа со кое ќе треба да се справи генерацијата на млади Европејци.
Шефицата на Европската комисија најави дека Албанија во наредните месеци ќе ја добие првата исплата од 64 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, од вкупно 920 милиони евра, што се очекува да ги добие во следните три години.
На прашањето дали има датум кога Албанија ќе може да стане членка на ЕУ, Фон дер Лајен рече дека тоа зависи од „работата и заслугите“.