Се разгорува острата реторика на лидерите на власта и опозицијата Мицкоски и Ахмети. Премиерот вели дека е навикнат на изјавите на првиот интегративец Ахмети да биде фактор на нестабилност и со воинствена реторика да повикува на немири по вчерашните пораки на претседателот на ДУИ на собир на партијата во скопско Шуто Оризари дека „доколку се допре албанскиот јазик, сите Албанци ќе бидат на нозе“ кои ги пренесе неговата партија преку соопштение.
Мицкоски претпоставува дека пораката на лидерот на интегративците се однесува на, како што вели, истите оние уставни судии кои од Мала Речица и „Бихаќка“ ги поставија во Уставниот суд.
– Законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд и таму ќе ги видите луѓето кои излегоа од нивните тефтери. Сега се бара некоја преносна структура за да се упати пораката, но не мислам дека е нешто сериозно. Ме загрижува што тој продолжува да биде фактор за нестабилност. Ги загрижува и меѓународните партнери што ДУИ и Ахмети се се повеќе фактор на нестабилност. – рече Мицкоски.
Демократската унија на интеграција преку соопштение го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да престане со, како што велат, закани кон опозициските политичари. За претседателот на Владата пак неприфатлив е ставот на ДУИ дека им се заканува на опозиционерите злоупотребувајќи ја државната позиција. Вели треба да се загрижени политичките криминалци.
Неодамна лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати писма до „високи меѓународни лидери“ во кои побара од нив заедничка акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Македонија.