Македонското здравство положи и тоа со висока оценка. Арбен Таравари го оцени со осмица бидејќи граѓаните добивале квалитетни здравствени услуги. Вели дека има многу работи кои треба да се сменат, но како успеси во годината што поминува ги смета укинувањето на економските директори и проширувањето на позитивната листа со 9 нови лекови.
Сепак, во новата 2025 здравствените власти влегуваат со недостаток на кадар, сериозно намален број на матични доктори и ветувањата за вработување на специјализантите и договорците со дело. Чекајќи трансфер на здравствени работници од приватно во државно, министерот ќе ги отвора вратите и за лекари кои заминале да работат во европски земји.
-Можеби бројката е симболична, тројца досега. Но мислам како Министерство вза здравство и Влада треба сериозно да размислиме да ги отвориме вратите барем за тие кои што работат поблиску во Хрватска, Словенија, но и други европски земји. Доколку имаат тригодишно искуство во тие земји да бидат вратите отворени да се вратат и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
На самиот крај од 2024, беше отворен и реновираниот кат на Клиниката за психијатрија.
-Доколку не обезбедиме квалитени услови, безбедни и пријатни услови за здравствените работници, тогаш не можеме да очекуваме квалитетна здравствена заштита и превенција на менталното здравје, вели проф. д-р Славица Арсова, директор на Клиника за психијатрија.
И покрај реновирања и адаптирања во одредени установи, 2025 здравството го чека одлив на голем број здравствени работници кои ќе заминат во пензија а други, пак, оценуваат дека системот е пред колапс и неопходна е реорганизација.
Сите посакуваат повеќе здравје во наредната година а на здравствените власти им останува да го реализираат тоа што го ветуваат.