Економија Македонија

Собранието не го стави на дневен ред предлогот за намалување на патните трошоци на пратениците

Собранието не го стави на дневен ред предлогот за намалување на патните трошоци на пратениците

Предлог-законот на Левица за измена на начинот на пресметување на патните трошоци на пратениците денеска не го помина ниту првиот филтер во Собранието, откако владејачкото мнозинство не даде поддршка точката да биде ставена на дневен ред на седницата.

За предлогот гласаа само 22 пратеници, главно од редовите на Левица, СДСМ и нивните коалициски партнери, што беше недоволно за негово разгледување.

Левица предложи патните трошоци да се пресметуваат според пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои изминати 100 километри, наместо сегашниот начин на пресметка – 20 проценти од малопродажната цена на горивото по километар.

Од партијата велат дека нивниот предлог е „пореално и рационално решение“, кое би ставило крај на „астрономските суми“ што пратениците ги добиваат од државниот буџет. Тие додаваат дека поддржуваат и целосно укинување на патните трошоци, но за да добијат поширока поддршка во Собранието, го предложиле законот во оваа форма.

Иницијативата наиде на отпор од владејачкото мнозинство, кое не дозволи таа да биде ставена на дневен ред, со што предлогот остана заглавен уште во почетната фаза на собраниската процедура.

To top