Ако има нешто што е постојано во македонскиот медиумски простор, тоа е дека секогаш ќе најдеме некој „експерт“ кој, под превезот на демократијата и слободата на говорот, ќе се труди да го убеди народот дека токму тој ја поседува единствената и апсолутна вистина. Тие луѓе, со години, непрекинато настапуваат како авторитети за секоја можна тема – политика, економија, здравство, образование, а сега, очигледно, и за карактерниот профил на американскиот претседател. Еден таков лик е Сашо Ордановски.
Во најновото негово медиумско шоу, кое се повеќе потсетува на стендап комедија отколку на сериозна политичка анализа, Ордановски ја надмина и својата стандардна доза на иронични коментари и самозадоволно мудрување. Овој пат, преку телевизијата Канал 5, тој реши да го оцрни Доналд Трамп со жар и страст какви што не сме виделе дури ни во најжестоките критики кон домашните политичари. Ваквиот пристап, се разбира, е очекуван за човек кој со години маестрално го игнорираше сето она што беше штетно за Македонија додека неговите миленици владееја со државата.
Комичен напад на еден „експерт“
Мислејќи дека е некаква високо ценета политичка фигура со глобални контакти, Ордановски се нафрли врз Трамп со зборови што повеќе личат на трачеви од некој второкласен таблоид, отколку на сериозна политичка анализа:
„Путин го има намачкано Трамп како путер на леб;“
„Трамп е веќе комплетно на страната на Путин;“
„Тој, Илон Маск и неговите се со реторика која многу наликува на неонацизам;“
„Трамп е на страната на злото;“
„Да не е жена му Словенка, он и не знае кај е Балканот.“
Да се разбереме, дали било кој аналитичар со минимум сериозност би користел ваква реторика? Или можеби Ордановски има посебна привилегија да ја продава својата лична омраза како фактографија? Колку често сме слушнале дека некој експерт од САД или Европа ваков речник користи за македонски политичари?
Големата тишина кога е СДСМ во прашање
Најинтересно е што Ордановски во сите овие години никогаш не најде време да „разголува“ некои други вистини. Ордановски тераше едно големо, длабоко и удобено молчење за време на владеењето на СДС во Македонија. Молчење во кое уживаше. Но, кога дојде време да се критикува новиот американскиот претседател, одеднаш доби инспирација да го расфрла своето „знаење“.
Зошто никогаш не објасни што точно правеа луѓето од Сорос, УСАИД и другите „невладини филантропи“ кои ги истураа своите милиони во Македонија за да ја моделираат политичката сцена по сопствен вкус? Зошто никогаш не направи сериозна анализа за тоа како овие структури се мешаа во внатрешните работи на државата? Дали затоа што неговите газди не му дозволија? Или можеби затоа што е полесно да се игра на сигурно – да се напаѓа оној што е „на далечно растојание“, а да се молчи за оној што е „во дворот“?
Секоја негова појава на телевизија е како дежа-ву – исти тези, исти критики, исто филозофирање без суштина. Единствено што се менува е предметот на нападот, но методологијата останува иста.
Реакција од релевантните институции?
Во една нормална земја, ваквите „експерти“ би биле предмет на сериозна критика од јавноста, новинарските здруженија и дури и од политичките структури. Македонија е членка на НАТО, со стратегиско партнерство со САД, и прашање е дали е соодветно еден македонски медиум да дозволи ваков непрофесионален и пристрасен напад врз американскиот претседател, кој добил доверба од милиони американски граѓани. Дали во име на демократијата треба да се дозволи ваква омраза да биде емитувана како „анализа“? Дали ова е новото медиумско дно кое го достигнавме?